Основи на Ајурведа
Ајурведа (Ају значи „живот“, а веда „знаење“) преведено од санскритски би значело: наука за животот – наука за живеење. Ајурведата е првата медицина во светот која потекнува од Индија, стара повеќе од 5000 години (и како таква останала непроменета до ден денес). Овие податоци се запишани на санскритски во Ведите.
Ајурведата не е само едноставен систем за нега на здравје, туку е и форма на животен стил адаптиран за одржување на совршен баланс и хармонија внатре во човековото тело.
Принципите на ајурведскиот третман се темелат на законите на природата што се безвременски и вечни. Ајурведата се темели врз принципот на “Три-дош” или теорија на три енергии – Вата, Пита и Кафа.
Оваа древна индиска медицина користи различни техники кои комбинираат исхрана, хербална медицина, арома терапија, масажа и медитација, за да го вратат телото во совршена рамнотежа.
Здравјето е состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или слабост.
Ајурведата придава големо значење за зајакнување на виталната сила „Прана“. Тоа може да се направи само ако го промениме начинот на живот, нашите навики во исхраната и нашиот однос кон различните животни случувања.
Природата ни нуди богатство од билки и минерали што се нејзино најголемо оружје. Тие ја напаѓаат болеста во корен и му помагаат на телото да ја поврати загубената сила. Билките и другите природни методи го подобруваат одбрамбениот систем на нашето тело. Природните извори на витамини и минерали се многу поефикасни од синтетичките витамински апчиња. Виталната сила на телото не ја зголемуваат само билките и минералите, туку и мислите имаат многу позитивно влијание на тоа. Смеата, љубовта, мирот, споделувањето, среќата, простувањето, услужливоста доведуваат до ослободување на позитивни и антистрес хормони во нашето тело. Додека пак, гневот, љубомората, омразата, одмаздата, алчноста, зависта ослободуваат млаз од хормони што го поттикнуваат стресот и лачат токсини во организмот. Се верува дека Ајурведата е најстарата наука за лекување, која ја формирала основата за сите други медицини, како што се будизмот, таоизмот, тибетската медицина и други.
Најстарите записи кои датираат дури неколку илјади години пред нашата ера биле во вид на стихови запишани на дрвени плочки.
Главниот извор на знаење во оваа област се препишува на Ведите, божествените книги на мудрост, а особено четвртото продолжение, именувано како Атарваведа кое датира уште од 1000 година п.н.е. Постојат уште неколку древни ајурведски книги, а најпознати од нив се Чарака Самхита и Сушрута Самхита кои генерално се базираат врз внатрешната медицина и оперативните зафати.
Мудрецот Сушрута 1000 г.п.н.е. – древен ајурведски познавач на хирургијата и се уште познат како татко на модерната пластична хирургија, имал големи знаења за постоењето на микробите, дури и тогаш тој ја нагласувал важноста на рамнотежата во внатрешните енергии, Вата, Пита и Кафа. Неговата книга Сушрута Самхита е достапна дури и денес. Хирургијата била општо прифатена и високоразвиена во древната Индија. Во древните текстови има детален опис на царски рез и примери од пластична хирургија.